Интернет бонтон

Од Сподели wiki
Преработка од 18:35, 29 јануари 2011; направена од Admin (разговор | придонеси) (4 ревизии: initial)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Интернет бонтон

Кодекс за однесување на Интернет

Човечката психа Интернет го прифаќа и третира како и секој друг јавен медиум. За разлика од весниците, радиото и телевизијата, каде што сите ние би можеле да се појавиме, ама е потешко изводливо, Интернет е медиум кој баш тоа ни го овозможува. Како тоа делува на луѓето? Можноста тоа што го правите да го види огромен аудиториум различно делува на секој човек. Некој се збунува, се плаши, некој станува сериозен, некој тремата ја крши со шега, некој тоа го прифаќа нормално, како разговарање по телефон, а некој и пцуе. Такви сме ние луѓето, различни.

Сепак, баш заради тоа што сме толку различни треба да водиме сметка едни за други. Тоа што некој го смета за нормално однесување на некој друг можеби не му се допаѓа. Имаме еден Интернет и мора да научиме заедно да го користиме. Тоа значи дека мораме да бидеме подготвени за максимална меѓусебна толеранција, но треба да имаме и одговорност за тоа што го правиме. Токму поради тоа постојат и одредени норми кои треба сите да ги почитуваме.

Воопшто за сите форми на активност на Интернет важи дека не треба да се прави било што што е противзаконско или се коси со основните морални норми. Останатите правила зависат од поединечните интернет-сервиси.


Лична комуникација

Ова е најчест вид на комуникација на две личности преку Интернет и се однесува првенствено на е-поштата. Иако е-поштата често се нарекува приватна пошта таа во суштина има статус на лична пошта, затоа што ретко кој на Интернет ќе Ви гарантира приватност. За скоро потполна приватност можете да користите некоја метода на шифрирање на своите пораки.

Е-поштата разберете ја како можност за праќање на пораки кои се наменети за еден примач, т.е. некаков облик на дијалог. Користете го кога треба да пренесете информации кои не се од значење за поширокиот аудиториум, односно се битни за Вас и Вашиот соговорник.

Објавувањето на содржината на е-поштата на трети лица не е дозволено, освен ако двата соговорници околу тоа не се согласат. Сопственоста над секоја е-поштенска порака е равномерно поделена меѓу праќачот и примачот. Со содржината може да се располага само со согласност од двете страни. Иако се подразбира дека Вашиот соговорник не смее да ја објави Вашата порака без Ваша согласност, препорачливо е во својата порака да нагласите дека одредени информации ги сметате за особено приватни и во никој случај не би сакале да бидат објавени. Ова не важи за жалбите. Ако имате основана причина да се пожалите на администраторот за содржината на е-поштенската порака слободни сте тоа да го направите и да ја покажете содржината на пораката на администраторот и без согласност на праќачот.

Ако сте добиле согласност е-поштата да ја проследите и на трети луѓе, водете сметка да не ја менувате содржината. Според договор, пораката може да ја скратите, но така што нема да ја нарушите суштината на текстот кој го пренесувате. Исто така со таква порака приложете ги и основните податоци од кои се гледа чии податоци пренесувате.

Немојте да праќате е-пошта за секоја ситница, уште повеќе на луѓе што не Ве познаваат. Тоа е работа на учтивост. Многу луѓе е-пошта користат за многу сериозни работи, често и за работа, па премногу непотребни пораки може само да им пречат. Не е важно дали само вие сметате дека треба да испратите одредена порака, туку дали и примателот ќе го смета истото кога ќе ја добие пораката. Небараните пораки (unsolicited email) се несакани и забранети. Во суштина, се смета за непожелно било што што ќе го испратите на некого освен ако тој не Ви одобрил директно или индиректно. Директно Ви одобрува тој што ќе Ви ја даде својата е-адреса и ќе Ве повика да го контактирате по е-пошта, а индиректно кога неговата е-поштенска адреса ќе се појави на јавно место (конференција, веб-страница, списание, програмски пакет и сл.) со очигледна намера да биде употребена за контакт на одредена тема. Тоа значи дека ако употребите таква јавно објавена адреса тоа треба да го направите само заради причината поради која е објавена, а не за други намени. Исто така нечија е-поштенска адреса можете да добиете и од некој пријател. Можете да ја упоребите ако имате навистина добра причина (на пр. Очајнички барате решение за некој Ваш проблем, а очекувате дека таа личност може да ви помогне). Во тој случај обавезно наведете го начинот на кој сте стигнале до е-поштенската адреса. Кога прв пат се обраќате на луѓе кои не Ве познаваат задолжително на почетокот треба да се претставите и јасно да ја наведете причината поради која се обраќате.

Немојте да праќате верижни писма (тоа се писма во кои се бара од примателот да ги умножи во повеќе примероци и да ги прати на други корисници). Такво нешто е забрането затоа што директно влијае на оптоварувањето на Интернет. За такви работи администраторите забрануваат пристап. Немојте да наседнувате на верижни писма што ги добивате од други, дури ни на тие кои наизглед делуваат како вистински (на пр. Повици за хуманитарна помош или сл.). Ланчаните писма не се начин на кој информациите се дистрибуираат преку Интернет. Ако добиете ваква порака веднаш за тоа известете го Вашиот администратор.

Потпишувајте се на крајот на пораката. Често програмите за примање пошта на примателот не му ги покажуваат сите заглавија од пораката, така што тој не мора да знае од кого ја добил пораката. Ако се потпишете комуникацијата ќе биде многу полесна.

Одговарајте на е-поштенските пораки. Тоа е исто така работа на учтивост. Ако се подразбира дека луѓето ви се јавуваат затоа што имаат добра причина, редно е да им одговорите, па макар и само да им соопштите дека не сте во ситуација да им помогнете. Ако не можете веднаш да одговорите на пораката, а сметате дека е важна, учтиво е кратко да се одговори заради потврда дека пораката стигнала, да се извините поради презафатеност, и да ветите дека одговорот ќе го испратите кога ќе сте во можност. Секако не го земајте ова здраво за готово. Одговор на пораката е работа на учтивост затоа што со тоа давате до знаење дека е пораката примена. Ако пораката што сте ја примиле е сама по себе неучтива или од некоја друга причина не сакате да одговорите, не мора.

Бидете толерантни. Не земајте здраво за готово сѐ што ќе прочитате во пораката и не реагирајте на провокации. Најдобрата реакција на провокација е воопшто да не реагирате. Најчесто со тешки зборови напишани во афект може само да ја влошите состојбата, да предизвикате верижно зголемување на бројот на разменети пораки кои нема да дадат никакви резултати, освен лошо расположение на двете страни. Најдобро е во старт да ги игнорирате таквите пораки или да почекате час, два, па дури и цел ден за да одговорите откако ќе Ви помине лутината.

Пред да почнете да одговарате на некоја порака проверите дали од истата личност сте добиле уште некоја порака. Често се случува после едната да дојде и друга порака со дополнителни објаснувања или дури и со информација дека решението веќе е најдено. На тој начин и себе си и на соговорникот ќе му заштедите труд и време.

Немојте да барате од своите соговорници да ви објаснуваат банални теми за кои постои многу документација или литература на Интернет. Ризикувате да добиете прилично остар одговор во кои ќе ви биде кажано тие информации да ги побарате на Интернет.

Ако добиете е-пошта од некого во која од вас се бараат информации, а познато ви е дека тие информации се достапни на Интернет, не мора да трошите време на објаснување. Едноставно упатете го соговорникот каде може да го најде тоа што му треба. Ако не сте сигурни дека соговорникот може да пристапи до тие информации понудете се да му ги испратите на е-пошта и испратете му ги ако се согласи.

Не праќајте на никого долги пораки (за долги пораки се сметаат сите пораки кои имаат преку 100 линии текст) или пораки со приложени датотеки без одобрение на примателот. Колку и на некого очајнички да му треба некој податок тоа не значи дека е спремен да го преземе преку е-пошта. Причини за тоа постојат многу. Затоа ако имате намера на некого да му испратите долга порака или датотека задолжително прво прашајте дали тој се согласува со тоа. Често се случува корисникот да го одобри испраќањето, но да ви испрати друга е-поштнска адреса на која можете тоа да го испратите. Во секој случај, кога можете, избегнувајте испраќање долги пораки или датотеки преку е-пошта. Не е забрането, но оваа можност користете ја претпазливо.

Проверувајте ги адресите на кои сте ги упатиле пораките пред да ги испратите.

При реплицирање на порака проверете ја содржината на полето CC: (Carbon Copy). Ако пораката која сте ја примиле е испратена како Carbon Copy, односно не сте единствениот примател, листата на останатите приматели се наоѓа во полето CC: од пораката. Вашиот одговор на таква порака ќе отиде на сите луѓе, а не само на оној на чија порака одговарате. Пред праќањето погледнете ја содржината на ова поле и ако сакате одговорот да оди само до личноста од која сте примиле ваква порака избришете ја содржината на полето CC:. Некои програми за испраќање е-пошта имаат посебни опции кои се викаат „Одгорови на испраќачот“ и „Одговори на сите примачи“ или слично, а се наменети за контрола на кого ќе му отиде одговорот.

Carbon Copy користете само ако имате добра причина и ако однапред сте се договориле со корисниците на кои ќе им испраќате така пораки. Едно од поважните правила на Интернет е дека не Ви е дозволено да објавувате туѓи е-поштенски адреси без дозвола на сопственикот. Кога праќате Carbon Copy пораки списокот на е-поштенските адреси од тоа поле ќе биде видлив на сите приматели, што може да биде нарушување на правилото. За вакви намени по препорачливо е да се испраќа Blind Carbon Copy (поле BCC:). На тој начин примателите не може да ги видат е-поштенските адреси на останатите приматели, дури нема ни начин како да дознаат дека пораката сте ја пратиле на уште некого.

Ако на некого сте пратиле порака не очекувајте веднаш да добиете одговор. Иако Интернет овозможува брз пренос на поштата постојат многу објективни причини за одговорот да не дојде веднаш. Примателот едноставно не мора да биде пред компјутерот во моментот. Ако праќате порака на некој кој живее на другиот дел од светот можеби тогаш спие. Може примателот да ги чита е-пораките само кога е на работа или дома. Ако пораката која сте ја испратиле не ви се вратила со порака за грешка тогаш со голема веројатност е испорачана како што треба и треба само трпеливо да почекате примателот да ја прочита и да ви одговори. Почекајте два-три дена, па тогаш повторно пратете ја пораката, но тоа направете го само ако ви е работата навистина важна.

Користете го полето за тема на пораката (Subject). Неговата намена е во неколку зборови да ја назначите содржината на пораката, а тоа може многу да значи кога ќе се соберат огромен број на пораки и меѓу нив треба да се најде одредена. Освен тоа, ако со некој водите дикусии на повеќе различни теми, темата на пораката може да послужи за да разликувате во која дискусија пораката припаѓа.

Утврдете на кого можете да се обратите за помош во случај нешто да не ви функционира како што треба, или ако добивате некои пораки со непријатна содржина. Најдобро е за такви работи да се обратите на пријател или на администраторот на системот кои го користите за пристап на Интернет.

Обратете внимание текстот на пораката да не е двосмислен. Внимавајте на сарказмот затоа што примателите тоа по правило го сваќаат сериозно. Ако вие сте се смееле на духовитоста на вашата порака не мора да значи дека од другата страна ќе биде смешно. Напротив, таквите пораки може да изгледаат смртно сериозно. Затоа бидете претпазливи и настојувајте да се изразувате што е можно попрецизно.

Користите емотикони (smileys) за да ѝ дадете тон на пораката. Емотиконите се знаци што се ставаат во текстот на пораката за да симболизираат одредени гримаси, односно расположенија. Знакот :-) е пример за емотикона. Свртете ја главата за 90 степени налево и ќе препознаете стилирано човечко лице кое се смее. Има повеќе вакви симболи со кои може да претставите и нерасположеност, плачење, страв, лутење, бес, злоба, сарказам итн.

Немојте да ја пишувате вашата порака само со големи букви. Големите букви се користат само за наслови или кога сакате вашата порака да изгледа како да викате. Во некои случаи за тоа може и да послужи, но во поголем број случаи на примателите нема многу да им се допадне ако викате на нив.

Немојте да користите знаци кои не спаѓаат во текст (ASCII кодови надвор од опсегот 32-127) затоа што тие во поголемиот број на случаи нема исправно да стигнат до примателот. Ова се однесува на разни графички симболи, кодови за карактеристични букви на македонскиот јазик и за бинарни датотеки. Проблемот со праќањето бинарни датотеки најлесно се решава со користењето на опцијата за приложување. Со неа бинарната датотека се приложува за пораката и при испраќањето програмата сама ја кодира така што да се состои само од знаци кои можат да се испратат како содржина на пораката. Кај примателот таква програма повторно ја кодира датотеката во бинарен облик. Ова се одвива транспарентно за сите корисници. Морате да имате на памет дека при MIME-кодирање датотеките се зголемуваат најмалку за 30%.

Кога е во прашање користењето на букви од кирилица тоа е исто така изводливо, но е применливо само кај програмите за примање и праќање пошта. Преку веб-базирана е-пошта често може да има проблеми. На некои сопственици на постари компјутери не им се конфигурирани оперативните системи за гледање одредени кодни страници при примање на електронска пошта. Сѐ на сѐ, препорака е кирилицата да ја користите само ако сте сигурни дека примателот ќе ја види како што треба. За жал во многу случаи е препорачливо и воопшто да не ја користите. Тоа не е решение, но секако е подобро одколку примателот да види некои без врска знаци наместо букви. Како и да е ако сте сигурни дека примателот може да ја види кирилицата, КОРИСТЕТЕ ЈА!

Карактеристична грешка е испраќање на Word и Excell документи приложени во пораката. Избегнувајте го тоа. Word и Excell документите се познати како датотеки кои го користат просторот неекономично, или со други зборови, дури и документ со неколку реченици може да заземе многу простор. Најдобро е текстот, ако веќе го имате во Word или Excell документ, да го прекопирате со „Копирај-и-вметни“ во уредувачот за е-пораката. Ако ви е важно да испратите токму Word или Excell документ (за да се задржи форматирањето или графичките елементи), компресирајте го (користејќи ZIP или кој било друг формат што примателот може да го искористи), па така компресиран испратете го приложен за пораката. Така и на себе и на примателот на пораката ќе си направите заштеда. Во некои случаи и 10 до 20 пати.

Уште една важна причина за избегнување на праќање Word и Excell документи е тоа што тие може да бидат заразени со вируси или со тројанци и тоа без ваше знаење. Таквите документи можат да направат голема штета на примателот со уништувањеро на податоците на неговиот компјутер.

Во последно време, во настојувањето да се вклучат медиумите во сѐ и сешто (уште малку па и пеглите ќе имаат вградена мултимедија) во е-поштнските програми е дедадена можноста за праќање мултимедијални пораки. За тоа најчесто се користи HTML-кодот кој е во употреба на веб-страниците. Тоа значи дека било која веб-страница во целина можете да ја испратите како е-поштенска порака. Колку и да звучи убаво, потполно е непожелно да ја користите оваа опција. Како што претходно нагласивме дека испраќањето на Word и Excell документи е непожелно, така сега истото го нагласуваме за мултимедијата. Сето тоа изгледа убаво, но и чини. Во пракса се гледа дека пораките што се испратени во HTML-формат трошат и до 30 пати повеќе простор од оној што е доволен истата информација да се испрати како обична е-пошта. Освен тоа сите програми не ја подржуваат оваа опција, а многу е грдо кога вашиот соговорник ќе добие еден куп неразбирливи кодови наместо текстот на пораката. Вакво праќање користете само ако имате добри причини, ако сте сигурни дека примателот може тоа да го прочита како што треба, а нарочно ако предходно сте провериле дали тој се согласува со ваквото праќање.

При одговарање на поштата најчесто е потребно да го цитирате делот на пораката на која одговарате и да се надоврзете на неа. Ова е многу корисно затоа што примателот на вашиот одговор не мора да се присетува што рекол, туку тоа му е веднаш тука, како цитат. Не заборавајте дека некој може да прими дневно и стотици пораки и на него му е тешко да ја запамети целата дискусија, а камо ли одредени реченици. Цитирањето во таква ситуација е незаменливо затоа што служи како непогрешен потсетник. Секако, воопшто не морате да цитирате, но немојте да се изненадите кога некој ќе ви каже дека тоа сте требале да го направите затоа што тој нема поим за што зборувате. Но, ако цитирате, немојте да претерувате со тоа. Многу е чест случајот кога корисниците при одговарање ја цитираат целата порака на која одговараат, па дури и заглавијата и потписите. Такво нешто не треба да се прави. За да одредите во која мерка и што треба да се цитира раководете се до следното правило: цитирајте само толку колку што е доволно за да се поврзе дискусијата, ни помалку, ни повеќе од тоа. Се случува корисниците, во страв за да не претераат со цитирањето, да го искасапат текстот до таа мерка што ќе постане бескорисен. Исто така слободно цитирајте од повеќе делови. Направете еден цитат, па додајте го својот одговор на него, потоа ставете го следниот цитат, па одговорите итн. Така постигнувате прецизност во изразувањето и поекономична употреба на електронската пошта. Дали е цитатот добар не се одредува со количината на текстот, туку со содржината. Од искуство се проценува дека секој цитат кој зазема помалку од 30-40% од целата порака се прифаќа. Ограничете го бројот на знаци по линија на 76. Со тоа ќе овозможите вашиот текст да биде читлив на секоја платформа.

Ако во пораката користите потпис, потрудете се да биде краток. Не смее да преоѓа четири реда текст. Сѐ што е преку тоа се смета за непотребно трошење простор.

Обратете влијание и на начинот на кој се обраќате на соговорникот во пораката. Со пријател можете да се однесувате како што сте навикнати. Помеѓу компјутерските ентузијасти постои непишано правило дека тие меѓусебно не се персираат дури и кога лично не се познаваат. Но кога контактирате со некој непознат, а нарочно ако се работи за работна преписка, учтивоста е неопходна.


Јавна комуникација

Интернет, покрај личната комуникација, ви овозможува да учествувате во дискусија заедно со повеќе луѓе, при што ова „повеќе" лесно може да се изрази во илјади. Се работи за поштенски листи и јавни конференции (Usenet, веб-форуми). Начинот на комуникација е горе-долу ист, дури и правилата врзани за личната комуникација сѐ уште важат во потполност, но заради вклучувањето на повеќе лица за некои работи треба да се води повеќе сметка. Сега вашата порака не ја чита едно лице, туку повеќе (подобро кажано многу повеќе).

Поштенските листи во кратки црти веќе беа објаснети, но да повториме, се работи за специјални групи корисници кои со помош на автоматизиран систем меѓусебно разменуваат пораки користејќи е-пошта. Серверот содржи листа на корисници кои припаѓаат на иста поштенска листа, а на таа листа ѝ се доделува една е-поштенска адреса која по ништо не се разликува од другите. Меѓутоа, кога некој ќе испрати порака на адресата на листата таа автоматски со помош на серверот се проследува на секој поединечен член на листата. Ваквите групи се формираат кога се сака да се контролира бројот на учесниците во дискусијата, односно кога треба да постои еден помал круг на луѓе кои разменуваат информации кои не се од јавен карактер, или од други практични причини.

Usenet или news (дискусиони групи) e замислен како јавен систем на пораки. Тоа значи дека секој корисник на Интернет може да прати порака на news исто како што може да ги чита пораките кои останатите ги праќаат. Поради полесно корисење news-от е поделен на news групи кои се формираат според темите. Така корисниците не мораат да ги читаат сите пораки, туку можат да одберат кои теми ги интересираат. За разлика од поштенските листи тука (воглавно) нема контрола на пристапот. Меѓутоа тоа не значи дека нема правила. Постојат општи правила за однесување на news, но и секоја news група може да има свои кои може да се во согласност со општите, но и не мора.

Кога учествувате во јавни дискусиони групи (без оглед дали се работи за поштенски листи или news групи) морате да имате на ум на колку голем аудиториум се обраќате. Не постои начин да се утврди точниот број на корисниците на јавните дискусиони групи и тој секогаш варира од група до група, но ако претпоставиме дека може да ги види секој кој што има пристап на интернет тогаш сметајте дека ве чита огромен број луѓе. Често бројот на корисници кои само читаат е многукратно поголем од бројот на луѓето кои во нив пишуваат. Затоа вашата одговорност за тоа што ќе го напишете и ќе го пратите на news е многу поголема отколку за тоа што го праќате на е-пошта, затоа што, потенцијално, со некој ваш непромислен потег може да загрозите многу повеќе луѓе.

Пред да ја оставите вашата прва порака потрудете се да ја погледнете содржината на соодветната news група и запознајте се со темата која ве интересира, првенствено за да видите дали некој веќе го прашал истото што и вие сакате да го прашате, а можеби и веќе добил одговор кој ќе ви користи и на вас, или ако сакате да одговорите на нечје прашање проверете дали некој веќе го дал тој одговор. Нема потреба да ја повторувате информацијата која е веќе дадена или да постаувате прашање кое веќе било поставено, а поготово ако одговорот е даден.

Исто така запознајте ги останатите учесници во групата за да знаеле како да се поставите кон нив. Со тоа ќе ја запознаете и атмосферата која владее во таа група и некои правила кои ги поставува самата група.

Често она што е дозволено во една news група, во друга не е. Затоа обратете посебно внимание на секоја news група во која имате намера да учествувате.

Во јавните групи учествува голем број луѓе и многу често доаѓа до несогласувања и спротиставени мислења. Избегнувајте да се вклучувате во жолчни расправии. Тие не водат до решение на проблемот, туку само го влошуваат. Единствена исправна реакција во ваков случај е во нив да не учествувате. Дури ако со тек на околностите сте вовлечени во таква дискусија треба што побрзо да се повлечете. Немојте да настојувате вашиот збор да биде последен.

Имајте на памет дека при утврдувањето кој прави проблеми во news групата воопшто не се зема предвид кој прв почнал. Секој кој во news група ќе прати несоодветна содржина е виновен.

Ако со некого не се согласувате тоа слободно кажете го, но своето мислење поткрепете го со факти и воздржувајте се од понатамошна полемика.

Ако однесувањето на некој корисник не ви се допаѓа немојте за тоа да ги обвинувате администраторите и немојте ни со тој корисник да се расправате во јавна конференција. За тоа користете ја личната пошта. Може да се пожалите на администраторот за однесувањто на корисникот за тој да може со својот авторитет да делува на него.

Водете сметка што пишувате затоа што никогаш не се знае кој ја чита вашата порака. Тонот на пораката треба да биде така прилагоден за да не му смета на никој кога ќе ја прочита.

Подразбирајте дека вашите соговорници го застапуваат само сопственото мислење, освен во случај ако не се изјаснат поинаку.

Водете сметка дека news-от троши ресурси. Затоа трудете се вашите пораки да бидат кратки и јасни. Немојте да испраќате датотеки или други податоци кои трошат огромен простор освен ако news групата не е за тоа наменета. Ако некој бара одредена датотека на news група, а вие сте расположени тоа да го испратите, испратете го преку е-пошта (претходно за тоа договорете се со соговорникот). Некои news сервери имаат посебни news групи кои се наменети за размена на датотеки. Тие во своето име обично го содржат зборот binaries (mk.binarni).

Немојте да пишувате пораки само за да ги пишувате. Трудете се нивната содржина да биде интересна на останатите кои ќе ги читаат. Вклучете се во дискусија само кога навистина ќе имате да кажете нешто што ќе придонесе за темата. Посебно водете сметка за полето со темата на пораката. Во е-поштата ова и не е толку важно, за разлика од јавните дикусии. Во истата news група може да учествуваат многу луѓе во многу различни дикусии. Единствен начин тоа да се следи е користењето на полето за тема. Кога пишувате порака потрудете се полето за тема што подобро да ја одреди нејзината тема. Ако на сред дикусија започнете дискусија за нешто друго, што нема врска со темата, тогаш променете ја темата.

Немојте една иста порака да ја праќате повеќе пати. Почекајте барем една недела меѓу две испраќања (ако е во прашање оглас). Никако немојте иста порака да праќате во повеќе групи (Multi Post).

Ако испратите порака, а таа не се гледа веднаш во news групата, немојте веднаш повторно да ја испраќате. Понекогаш е потребно некое време за пораката да се појави во групата.

Трудете се пораката која ја пишувате по темата да припаѓа во групата во која ја испраќате. Посебно водете сметка да не праќате огласи или реклами во групи кои не се наменети за тоа. Секогаш постојат news групи кои се наменети за огласи, па немојте обичните групи да ги оптоварувате со свои огласи, дури ако продавате или купувате нешто што спаѓа во темата на таква news група.

Немојте да ги лажирате своите податоци во заглавието на пораката. Потребно е големо знаење за да бидете во состојба навистина да ги лажирате податоците, така што ќе биде многу тешко да се утврди вашиот идентитет. Во 99% од случаите идентитетот многу лесно се открива.

Посебно е забрането содржината на пораката да ја лажирате така што ќе се претставувате како некоја друга личност, односно пораките да ги испраќате во туѓо име.

Ако сакате да одговорите на некоја порака која сте ја прочитале на news и ако мислите дека содржината на вашата порака ќе биде интересна на поголемиот број корисници, тогаш не се двоумете дали да ја пратите. Секогаш водете сметка одговорот да биде испратен во соодветната news група, без оглед во која група е пораката на која што одговарате.

Јавните пораки им се достапни на сите и секој има право да се вклучи во дискусија ако смета дека е тоа потребно. Ако видите дека двајца корисници дискутираат на тема која што и вас ве интересира слободно приклучете им се. Со самото тоа што тие дискутираат во јавна конференција тоа значи дека сакаат и други да им се приклучат.

Кога ќе забележите дека по грешка сте пратиле несоодветна порака во news група, испратете и извинување. Меѓутоа, немојте намерно да испраќате несоодветна порака која ќе започнува со „Знам дека ова не припаѓа тука, но морам да го пратам, па затоа се извинувам…". Со тоа само ќе покажете на другите дека сте свесни за грешката, а сепак тоа го правите, па така ќе наидете на многу поголеми жалби на корисниците на вашето однесување.

Ако не се согласувате со темата на некоја дискусија немојте ни да учествувате во неа. Ако се вклучите во некоја news група само за да им кажете на останатите дека е темата глупава и дека со неа никако не можете да се сложите само ќе наидете на лоши реакции. Не заборавајте дека секој има право на слобода на мислењето и оставете ги другите корисници да дискутираат на тема која што ги интересира, а вие најдете си тема која ви е вам интересна.

Користете ги филтрите. Ако не ви се допаѓаат пораките на некој корисник или некоја тема тогаш не мора да ги читате. Погледнете како се конфигурира вашата програма за читање news. Со помош на филтрите можете да поставите пораките, чија содржина сакате да ја избегнете, едноставно да не ви се покажуваат. Ова не значи дека кога некој ќе ви упати забелешка на вашите пораки треба да го посоветувате да стави филтер. Можноста за користење на филтер никого не го ослободува од обврските и понатаму содржината на своите пораки да ја прилагодува така што да не пречат на никого.

Ако ви е непоходно истата порака да ја испратите на повеќе news групи користете вкрстено испраќање (Cross Post). При пишувањето на пораката можете да направите список на сите news групи во кои сакате пораката да биде испратена. Разликата во однос на рачното праќање во секоја група е тоа што при вксрстеното испраќање се праќа само една копија од пораката и во нејзиното заглавие стои во кои news групи треба да биде прикажана. Меѓутоа се препорачува ваквите пораки да ги избегнувате. Иако е ова многу подобро од Multi Post и понатаму е несакано. Проблемот е што многу корисници ги пратат следат групи во кои вие ја праќате истата порака и повеќе пати ќе ја гледаат, па затоа ќе бидат изнервирани. Но уште поголем проблем е што вашите соговорници најчесто нема да обратат внимание, па одговорот исто така ќе го испратат како вкрстен пост и со тоа со вас ќе водат дискусија не во една, туку во сите групи кај што сте ја испратиле пораката. Можноста на вркстено испраќање користете ја само во исклучителни случаи, а и тогаш нагласете дека се работи за вкрстен пост. Исто така би требало да ја подесите содржината на Followup-To полето во заглавието на пораката така што ќе покажува само на една news група во која сакате да добиете одговор. Ако не знаете што е Followup-To поле во заглавието на пораката и како треба да го поставите, тоа е првиот знак дека не треба да користите вкрстено испраќање на вашите пораки. Но ако тоа веќе го правите избегнувајте да праќате во многу групи. Секоја порака која планирате да ја испратите во повеќе од две групи не треба да ја праќате.

Немојте во дискусиони групи да праќате пораки во кои со неколку зборови се согласувате со нечија порака (пример: „Се согласувам", „Во право си" и сл.), поготово ако тоа го зачините и со цитат на пораката на која одговарате. Таквите пораки се потполно бескорисни и треба да се избегнуваат, освен во посебни случаи кога се работи за јавни гласања, анкети или слично.

Пред да испратите прашање во јавна дискусиона група побарајте го одговорот во достапната литература и документација. Многу е непријатно кога ќе поставите некое прашање и ќе ве дочека одговор дека одговорот се наоѓа во упатството. Со тоа се стекнува впечаток дека сте површни и брзоплети. Во јавните конференции ќе начекате многу луѓе кои се секогаш расположени да ви помогнат околу вашите проблеми, но немојте да очекувате тие да ги читаат упатствата за вас.


Литература

[1] http://www.ietf.org/rfc/rfc1855.txt

[2] Scott Southwick and J.D. Flak, The Net Abuse FAQ, Revision 3.2, 23 декември 1998.


(префрлено од старата страница на softver.org.mk, прва верзија од Гоце Николов)