ЧППЗаЗатемнувањето

Од Сподели wiki
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Poster clen16.jpg

Кој го организираше затемнувањето на страниците на интернет во Р. Македонија?

Затемнувањето го организираше Слободен софтвер Македонија.

Како се направи затемнувањето?

Затемнувањето се направи со помош на неколку скрипти, а по примерот на сличната акција што ја организираа американски страници на интернет против нивниот закон SOPA. Алатките со чија помош се затемнуваат страниците се достапни на ова место, а статистика за затемнетите страници има овде.

Зошто?

Затемнувњето го организиравме против Членот 11 од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета за кој во Собранието на Р. Македонија во прво читање гласаа „за“ сите поголеми политички партии.

Што е проблематично со Членот 11 од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета?

Во Членот 11 од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета се предвидува одговорност за интернет провајдерите и веб порталите за содржини кои од трети лица се објавени преку / на нив и отстранување на содржините без судска постапка. Цитираме:

Одговорност на провајдерот на интернет-услуги

Член 11

(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.

(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:

1) докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и

2) докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.

Мислиме дека овие одредби се противни на одредбите од Уставот на Р. Македонија.

Зошто мислите дека овие одредби се противни на одредбите од Уставот на Р. Македонија?

Затоа што во членот 16 од Уставот на Р. Македонија се гарантира слободата на пристап кон информации, примање и пренесување на информации. Цитираме:

Член 16

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.

Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.

Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.

Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.

Цензурата е забранета.

Вака напишаниот член во Предлог-законот се заканува да го сопре протокот на информации и да го обесхрабри слободното говорење, а со тоа и де-факто да создаде цензура. Според Член 16 од Уставот на Р. Македонија цензурата, исто така, е забранета.

Кои би можеле да бидат последиците доколку Предлог-законот се изгласа во оваа форма?

Ако Предлог-законот се изгласа во оваа форма последиците можат да бидат намалување на слободата на изразување на интернет и како последица намалување на економските користи кои ги носи објавувањето на интернет. Казните за провајдерите и порталите можат да доведат до ограничувања на објавувањата на интернет, бидејќи постојан надзор за тоа што се објавува и дали тоа е можеби навредливо е неефикасно и неисплатливо.

Дали презедовте нешто друго освен акцијата за затемнување?

Да. Слободен софтвер Македонија ги контаткираше сите пратеници во Собранието на Р. Македонија и надлежните комисии пред кои се расправа за Предлог-законот.

Дали добивте некаков одговор од надлежните институции?

До овој момент не сме добиле одговор. Сепак, претставници на позицијата и опозицијата објавија преку медиумите дека Членот 11 ќе се менува.

Цитираме:

(...) ја користиме оваа прилика да информираме дека поднесовме амандмани со кои бараме намалување на максималната казна од 27 илјади евра на 2 илјади и 700 евра, бришење на членот од законот кој овозможува цензурирање на новинарски текстови и амандман за дефинирање на евентуалната одговорност на интернет порталите.

Извор: http://sdsm.org.mk/default.aspx?mId=55&agId=6&articleId=7240

Цитираме:

Факт е дека во интернет-просторот се појавија многу портали, кои често објавуваат навредливи информации и директни напади на поединци, фирми, компании. Ова е нова сфера во која немаме искуство и затоа треба да се движиме во насока на праведно и правилно регулирање на таа област, кое за сите е прифатливо. Ги слушаме реакциите и ќе се потрудиме како пратеничка група да постапиме во насока на задоволување на примарните цели - вели Димовски.

Извор: http://dnevnik.com.mk/?ItemID=FBF1F741CE243B47851C91DC43A1F98F

Дали другите делови од Предлог-законот се во ред?

Слободен софтвер Македонија нема изградено став за други делови од Предлог-законот. Но, други организации ја искажуваат својата загриженост за различни прашања што произлегуваат од овој закон. За повеќе видете овде.

Зошто на друштвените мрежи се користи етикетата „#член16“?

Затоа што Членот 16 од Уставот на Република Македонија ги гарантира слободата на изразувањето и преност на информации, и ја забранува цензурата. Тоа се вредности што сакаме да ги потврдиме и промовираме.




Види уште и: МедиумитеЗаЗатемнувањето