2s.mkBilten10.09
Билтен на Слободен софтвер Македонија за октомври 2009
Добредојдовте во октомвриското издание од 2009 на билтенот на Слободен софтвер Македонија. Поради подолгата пауза овој билтен покрива и настани кои се случија изминатото лето.
Започна со работа „КИКА“, првиот хаклаб во Скопје
По долгогодишно планирање конечно оваа есен се создадоа услови и започна со работа првиот хаклаб во Скопје. КИКА (Кика е Информации, Култура, Автономија) е првата технолошка автономна зона - хаклаб, која ќе се користи за промовирање на користењето и развојот на еманципирачки технологии како слободниот софтвер, јавниот, отворен и пристапен интернет и алтернативните медиуми базирани на социјалните мрежи.
Просторот ќе биде дом на повеќе збиднувања поврзани со слободен софтвер и слободна култура, како што е популарното СподелиЗнаење, но и собири и работилници на други групи на корисници. КИКА е отворен простор и секој може да се придружи во активностите или по своја програма да започне некои нови активности. За повеќе информации, можете да се обратите на поштенската листа на КИКА.
За отворањето на хаклабот известија дневниот весник Нова Македонија и фондацијата Метаморфозис.
Ubuntu 9.10
Денес (29.10.2009) беше објавено Ubuntu, 9.10 или познато под кодното име Karmic Koala. Како и по обичај, во секое шест месечно издание на најпопуларната дистрибуција на GNU/Linux, Canonical ги внесуваат сите најнови верзии на софтвер наменет како за работните станици така и за серверите.
Од поважните компоненти можеме да напоменеме дека новото Ubuntu доаѓа со новата верзија на GNOME, 2.28 (се уште поддржува македонски, но не и за долго), нов Linux кернел 2.6.31, GRUB2, стандардна инсталација на Ext4 датотечен систем, нов софтвер за менаџмент на пакети наречен Software Center, нов клиент за ИП (инстант пораки) - се работи за долгоочекуваниот Empathy клиент, базиран на фрејмворкот Telepathy кој што нуди директни видео/аудио повици и уште многу нови и подобрени верзии на сите ваши омилени апликации.
Веднаш може да се забележи дека оваа верзија на Ubuntu нуди доста подобрен инсталационен процес и побрзо подигнување и гасење на компјутерот. Доста внимание е посветено на новиот инсталер, како и на првичниот изглед, односно стандардните GTK и GDM теми. Се подигнува брзо, доаѓа со се што може да ви затреба на модерен „десктоп“ компјутер и изгледа одлично!
Како и секогаш досега, можете да нарачате бесплатно CD од https://shipit.ubuntu.com или пак да ја преземете соодветната верзија за вашата архитектура на http://www.ubuntu.org.
Група на корисници на Ruby
Од летото 2009 (или можеби малку порано) во Скопје почна да функционира и групата на корисници на програмскиот јазик Ruby. Групата е отворена за сите кои се занимаваат со платформата Ruby/Rails, како и за почетници кои што сакаат да научат повеќе за оваа развојна околина.
За контакт со групата може да ја посетите нивната поштенска листа или да ги посетите на нивните средби во КИКА кои вообичаено се случуваат во среда од 19 до 21 часот.
Промоција на Mоzilla Firefox 3.5 во Скопје и Куманово
На 07.09.2009 година во Скопје и Куманово се оджра јавна промоција на Mozilla Firefox 3.5. Настанот беше успешно организиран од групата за маркетинг на Mozilla во Македонија. Известување од настанот е достапно на порталот it.com.mk. Фотографии од настанот има на Flickr страницата на Mozilla Македонија
Конференција за слободен софтвер во Косово
На 29 и 30 август 2009 година во приштина се одржа првата конференција за слободен софтвер на Балканот која имаше регионален и меѓународен карактер. На дводневниот настан, организиран од локалната косовска организација со помош на бројни спонзори од Косово и странство, учествуваа повеќе од 500 луѓе од 16 земји. Настанот беше исполнет со презентации на теми поврзани со слободен софтвер. Покрај вообичаените технички презентации имаше и неколку кои се осврнуваа на општествениот аспект на движењето за слободен софтвер.
Слободен софтвер Македонија учествуваше на конференцијата со две презентации од своите членови. Миша Поповиќ презентираше за проектот на Владата на Р. Македонија за користење на Едубунту во училиштата. Анализата што беше презентирана го претставуваше увидот на заедницата во овие прашања. Новица Наков пак презентираше за растењето и распаѓањето на заедниците за слободен софтвер, пренесувајќи ги досегашните македонски искуства.
Антиконференција Ништо нема да се случи во Сплит
Од 21 до 23 август оваа година претставници од Слободен софвер Македонија, компјутерски ентузијасти и вљубеници во технологијата присувствуваа на традиционланата антиконференција во Сплит, Хрватска, Ништо нема да се случи.
На овој тродневен настан .. да се допише...
Содржината на оваа порака пред сѐ е наменета за новинари и организации со кои соработува Слободен софтвер Македонија, но истата се испраќа до сите оние кои се пријавиле за тоа.
Доколку и вие сакате да ја добивате оваа порака, пишете ни на <info_НА_slobodensoftver.org.mk>.