Хаклаб/Тортиља

Од Сподели wiki
Прејди на: содржини, барај

Едно од познатите Шпански јадења е Тортиљата. Ова е во суштина омлет, кој се прави малку поразлично од нашиот, и освен јајцата, секогаш се користи компир.

Во Шпанија се користи како „закуска“, или како една од порциите за време на siesta и обично се служи со мајонез или некое сосче од страна :)

Бидејќи од неодамна во Хаклаб има какви-такви услови за подготвување на храна, супер би било да почнеме со food hacking и да направиме tortilla de patatas, за сите да се замезат, па и да научат да зготват нешто ново. Во духот на слободниот софтвер, рецептот дава голема слобода во начините и состојките кои можат да се додаваат, па откако ќе го научи основниот рецепт, секој може да си го модификува и да си експериментира според сопствените желби и вкусови.

Јас најчесто, освен јајцата и компирот, додавам многу кромид, спанаќ, и понекогаш и црвени/зелени пиперки.

Состојките за рецептот што јас го приготвувам, со кромид се наведени подолу.

Дел од подготовката на Тортиља


Состојки за Тортиља со кромид

  • 4-5 Средни компири
  • 4-5 Јајца
  • 1 Голем кромид
  • Спанаќ (по желба, веројатно 200 грама)
  • Маслиново масло
  • Сол

Состојките погоре се однесуваат на една пита. Бидејќи во Хаклаб ќе има повеќе гладни усти, и најверојатно ќе се прави ова повеќе од еднаш, најдобро е да се набават поголеми количини..

Потребни работи за набавка во Хаклаб

Храна

  • Вреќа компири
  • 2 Табли јајца
  • Вреќа кромид
  • Кеса спанаќ
  • Маслиново масло
  • Сол


Прибор

  • 2 средно длабоки тавчиња (околу 24cm дијаметар) или 1 тавче и 1 голем тањир (голем колку тавчето)
  • 1 голема спатула (шпакла)
  • дрвена лажица
  • вилушки и тањири (за сервирање)


Останато
Доколку некој има „решо“ со поголема плоча, супер би било да го донесе. Тоа што моментално го има во Хаклаб е мало, и тортиљата најверојатно нема да испадне баш добро :)

Готова Тортиља со кромид и спанаќ

Инструкции за приготвување

Тортиљата се приготвува прилично едноставно, но сепак, кога некој прави прв пат ќе наиде на некои ситни проблеми, кои после првите 2-3 пати ќе ги снема. Најважен дел во постапката е печењето на омлетот, и како кај палачинките - вртењето на омлетот од другата страна.

Лупиме 3-4 компири и истите ги сецкаме на ленти како за мусака (значи не треба да бидат тенки како за чипс, туку малку подебели). Исто така и кромидот го сецкаме (може да биде крупно сецкан). Во средно длабоко тавче, ставаме маслиново масло на тивок оган ги пржиме иссецканите компири и кромидот. Нивото на маслиново масло треба скоро да ги покрива компирите (немора да има многу масло, но ќе треба постојано да мешате за да не ви изгорат компирите и истите да се испржат рамномерно). При пржењето, компирите не треба да добијат корка, туку да омекнат. Ова ќе го постигнете со пржење на потивко (доколку плочата има 3 нивоа, пржете на 2ка, а доколку има 9 нивоа, пржете на 6ка). Компирите се добро испржени доколку лесно ги кршите со дрвена лажица. За ова пржење ќе ви бидат потребни околу 15-20 минути. Доколку додаваме и спанаќ, за да не го препржиме, најдобро е да го додадеме во последните 5 минути од пржењето. Испржената смеса ја процедуваме од маслото и ја ставаме на страна. Преостанатото масло може да го префрлиме во шоља за подоцна повторно да го користиме истото. Кршиме 5 јајца, додаваме сол (по желба), ја додаваме смесата од компири и кромид, и сите заедно ги мешаме. Во нелепливо тавче ставаме малку од маслото што го ставивме настрана и го загреваме (исто така на средна температура). Ја додаваме целата смеса и го пржиме омлетот. После неколку минути од пржењето, со спатула поткреваме и проверуваме дали целата смеса е врзана и дното на омлетот има кафеавкаста боја.

Најголемата филозофија на тортиљата е вртење на омлетот од другата страна.

За наједноставно вртење на тортиљата, користиме уште едно тавче со иста големина, кое го ставаме врз тоа кај што е тортиљата, двете тавчиља ги вртиме на другата страна, и омлетот продолжуваме да го пржиме во другото тавче. Доколку немаме второ тавче, истотата постапка може да ја направиме со голема чинија, во која ќе го сместиме омлетот. Откако истиот ќе го префрлиме во чинијата, полека на лизгање го враќаме во тавчето од другата (неиспечена) страна. (Веројатно постојат и други начини да се направи ова, да се користи капак или специјална тава која ќе го испече омлетот и од горната страна, но јас немам користено таква метода).

По 2-3 минути, тортиљата е испечена и од другата страна, и истата може да ја префрлиме во голема чинија. Успешната тортиља би требало да изгледа како пита и да биде дебела 3-4 cm. Се сече на парчиња (како пица) и се служи во комбинација со мајонез.

Линкови со рецепти и инструкции

Парче Тортиља со кромид и спанаќ