Значење на зборот Хакер

Од Сподели wiki
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Април 2004

За пошироката јавност, терминот „хакер“ означува некој што пробива компјутери. Во програмерските кругови „хакер“ означува добар програмер. Овие две значења се поврзани. За програмерите „хакер“ значи мајстворсво во најбуквалната смисла: некој што може да го натера компјутерот да прави тоа што тој сака - без разлика дали компјутерот го сака тоа или не.

Да се зголеми забуната, именката „хакирање“ исто така има две значења. Може да биде комплимент или навреда. Се вика хакирање кога ќе се направи нешто на неелегантен, грд начин. Но кога ќе направиш нешто на интелигентен начин и некако ќе го победиш системот, тоа исто така се вика „хакирање“. Терминот се користи почесто во првата смисла, веројатно затоа што неелегантните решенија се многу почести од генијалните.

Верувале или не, двете значења на зборот „хакирање“ се исто така поврзани. Неелегантните и креативните решенија имаат нешто заедничко: ги прекршуваат правилата. И има постепен премин меѓу прекршување на правилата што е неинтелигентно (користење самолеплива лента за да прикрепите нешто на Вашиот велосипед) и прекршување на правичата што е брилијантно и имагинативно (отфрлање на Евклидовиот простор).

Хакирањето им предходи на компјутерите. Додека работел на проектот Менхетен, Ричард Фејнман се забавувал со пробивање во сефови кои содржеле тајни документи. Оваа традиција продолжува и денеска. Кога бевме на постдипломски студии, еден пријател хакер кој поминуваше премногу време на MIT имаше свој личен комплет за отворање на брави (моментално води ограничен инвестициски фонд (hedge fund), што е доста слична активност).

Некогаш е тешко да се објасни на властите зошто некој би сакал да ги прави овие работи. Друг мој пријател еднаш имаше проблеми со власта поради пробивање во компјутери. Ова од неодамна е декларирано како криминал и ФБИ увидоа дека нивните вообичаени истражни постапки не функционираат. Полициската истрага очигледно започнува со мотив. Најчестите мотиви се: дрога, пари, секс, освета. Интелектуалната љубопитност не беше еден од мотивите на листата на FBI. Навистина, целиот концепт им изгледаше непознат.

Тие што се на позиција на авторитет имаат тенденција да се вознемируваат од општиот хакерски став на непослушност. Но оваа непослушност е нуспродукт од квалитетите што ги прават добри програмери. Тие можеби се потсмеваат на директорот за генеричките корпоративни говори, но тие се постсмеваат исто така и на некој кој им кажува дека некој проблем не може да се реши. Потисни го едното, ќе го потиснеш и другото.

На овој став понекогаш може да му се влијае. Понекогаш младите програмери ги забележуваат ексцентризмите на еминентните хакери и одлучуваат да прифатат некои од нив за да изгледаат попаметни. Ваквото симулирање е повеќе од вознемирувачко; ваквиот ирититачки став на овие позери всушност го успорува процесот на иновација.

Но, и покрај нивните непријатни ексцентричности, непослушниот став на хакерите е всушност квалитет. Би сакал неговата предност да е подобро разбрана.

На пример, претпоставувам дека луѓето во Холивуд се едноставно мистифицирани од ставот на хакерите во врска со авторските права. Тие се непрекината тема на дискусија на Slashdot. Но зошто треба луѓето кои ги програмираат компјутерите да се загрижени токму за авторските права?

Делумно бидејќи некои компании користат механизми да го спречат копирањето. Покажи му на некој хакер брава и првата помисла е како да се отвори таа брава. Но има и поголема причина зошто хакерите се загрижени од мерките како авторски права и патенти. Тие гледаат зголемени агресивни мерки за заштита на „интелектуалната сопственост“ како закана за интелектуалната слобода која им е потребна за да си ја вршат својата работа. И тие се во право.

Со чепкање во актуелните технологии хакерите добиваат идеи за следните генерации. Сопствениците на интелектуалните права можеби ќе кажат „Не благодарам, не ни треба надворешна помош“. Но ќе згрешат. Новите генерации на компјутерски технологии многу почесто се развиени од аутсајдери.

Во 1977 некоја група во IBM сигурно развиваше нешто што тие очекуваа дека ќе биде следната генерација на бизнис-компјутер. Згрешија. Новата генерација на бизнис-компјутери беше развивана на комплетно различни идеи од двајца долгокоси момци кои се викаа Стив, во гаража во Лос Алтос. Отприлика во исто време, моќниците соработуваа на развојот на официјалната следна генерација на оперативни системи, Multics. Но двајца момци сметаа дека Мултикс е премногу комплексен и создадоа свој оперативен систем. Го крстија Unix како шега на сметка на Multics.

Последниот закон за интелектуална сопственост наметна ограничувања без преседан за таквите чепкања кои водат кон нови идеи. Во минатото конкурентот можеше да користи патенти за да спречи продавање на копија од нешто што тој го направил, но не можеше да спречи расклопување за некој да види како работи. Најновите закони го направија тоа расклопување криминал. Како можеме да развиеме нови технологии кога неможе да ги проучуваме постоечките за да разбереме како да ги подобриме?

Иронично, хакерите си го предизвикаа ова самите. Компјутерите се одговорни за проблемот. Контролните системи во машините порано беа механички: запчаници и рачки и сајли. Сѐ почесто, паметот (а со тоа и вредноста) на продуктите е во форма на софтвер. Под ова се подразбира софтвер во општа смисла т.е. податоци. Песна на плоча е физички испечатена на пластиката. Песна на дискот на IPod е само складирана на него.

Податоците по дефиниција се лесни за копирање. А Интернет овозможува копиите лесно да се дистрибуираат. Според тоа не е ни чудо што компаниите за плашат. Но, како што често се случува, стравот им го поматува расудувањето. Владата реагираше со драконски закони за заштита на интелектуалната сопственост. Веројатно мислат добро. Но можеби нема да разберат дека со таквите закони прават повеќе лошо отколку добро.

Зошто програмерите толку жестоко се спротиствавуваат на овие закони? Ако бев законодавец, ќе бев заинтересиран за оваа мистерија - од истата причина поради која, ако бев фармер и одеднаш една вечер слушнев како кокошките вреват во кокошарникот, ќе сакав да отидам таму и да видам што се случува. Хакерите не се глупави, а едногласноста е многу ретка во овој свет. Значи ако тие сите вреват, можеби нешто не е во ред.

Можно ли е таквите закони, наменети да ја заштитат Америка, всушност да ѝ наштетат? Размислете за ова. Има нешто многу американско во тоа Фејнман да пробива сефови за време на проектот Менхетен. Тешко може да се замисли дека надлежните би имале смисла за хумор кога тие работи би се случувале во Германија во тоа време. Можеби не е случајност.

Хакерите се непослушни. Тоа е сржта на хакирањето. Исто така е и сржта на американизмот. Не е случајност дека Силиконската долина се наоѓа во Америка, а не во Франција, или Германија, или Англија, или Јапонија. Во тие земји луѓето бојат во обележаниот простор и не излегуваат од линиите.

Живеев извесно време во Фиренца. Но после неколку месеци сфатив дека тоа што несвесно се надевав дека ќе го најдам се наоѓаше таму од каде што дојдов. Причината зошто Фиренца е позната е дека во 1450, таа беше Њу Јорк. Во 1450 Фиренца беше полна со турбулентни и амбициозни луѓе што сега се наоѓаат во Америка. (Па се вратив во Америка.)

Америка има предност затоа што има соодветна атмосфера за вистинската непослушност - односно е дом не само за паметните, туку и за сезнајковците. А хакерите се недвосмислено сезнајковци. Да имавме државен празник, тоа би бил 1 Април. Кажува многу за нашата работа, фактот дека користиме ист збор и за генијално и катастрофално лошо решение. Кога ќе изнајдеме едно такво решение не сме секогаш 100% сигурни каква е ситуацијата. Но сѐ додека ја има вистинската доза на погрешност, тоа е добар знак. Чудно е како луѓето мислат дека програмирањето е методично и прецизно. Компјутерите се методични и прецизни. Хакирањето е нешто што се прави со весела насмевка.

Во овој наш свет некои од најкарактеристичните решенија не се далеку од практични шеги. IBM без сомнеж бил изненаден од последиците од договорот за лиценцирање на DOS, исто како и хипотетичкиот противник веројатно е изненаден кога Мајкл Рабин решава проблем редефинирајќи го во таков што е полесен за решавање.

Сезнајковците мора да развијат чувство за тоа со колку можат да се извлечат. Во последно време хакерите почуствуваа промена во атмосферата. Во последно време не се гледа добро на хакерството.

За хакерите последното стегање на граѓанските права изгледа особено морничаво. Тоа мора да ги мистифицира и аусајдерите. Зошто мора ние да се грижиме особено за граѓанските права? Зошто програмерите, повеќе од забарите, продавачите или градинарите?

Дозволете ми да го претставам случајот на начин на кој власта би го ценела. Граѓанските права не се само украс или невообичаена американска традиција. Граѓанските права ги збогатуваат државите. Ако се направи график од БДП и граѓанските права ќе се забележи дефинитивен тренд. Можно ли е граѓанските права да се причината, наместо само ефект? Мислам да. Мислам дека општество во кое луѓето можат да кажат тоа што сакаат исто така ќе се стреми да биде општество во кое победуваат најефикасните решенија, наместо тие спонзорирани од влијателни луѓе. Авторитарните држави стануваат корумпирани; корумпираните држави стануваат сиромашни; а сиромашните држави се слаби. Ми изгледа дека важи кривата на Лафер за моќта на владата, како и за даночните приходи. Во најмала рака, изгледа веројатно дека би било глупаво да се експериментира за да се дознае. За разлика од високите даночни стапки, не можеш да се вратиш од тоталитаризмот ако излезе дека е грешка.

Заради тоа хакерите за загрижени. Доколку владата ги шпиунира луѓето не значи дека програмерите ќе пишуваат полош код. Евентуално тоа води кон свет во кој лошите идеи победуваат. Поради тоа што ова е толку важно на хакерите, тие се особено осетливи. Можат да го почуствуваат доаѓањето на тоталитаризмот од далечина, исто како што животните го чуствуваат доаѓањето на бура.

Би било иронично ако, како што се плашат хакерите, излезе дека последните мерки наменети за заштита на националната безбедност и интелектуална сопственост се проектил насочен кон тоа што ја прави Америка успешна. Но нема да биде првпат мерки превземени во панична состојба да го имаат спротивниот ефект.

Има нешто што се вика американство. Живеењето во странство најдобро ќе те научи на тоа. И ако сакаш да дознаеш дали нешто ќе го негува или уништи тој квалитет, би било тешко да се најде подобра целна група од хакерите, затоа што тие се поблиску од која било друга група што ја знам јас, го претставуваат тој квалитет. Веројатно поблиску од луѓето што ја раководат нашата влада, кои со нивните говори за патриотизам повеќе ме потсетуваат на Ришеље или Мазарин, отколку на Томас Џеферсон или Џорџ Вашингтон.

Кога ќе го прочитате она што основачките татковци имале да го кажат за себе, тие звучат повеќе како хакери. „Духот на отпорот кон владата“, напишал Џеферсон, „е толку важен во некои ситуации, што јас би сакал да живее засекогаш“.

Замислете некој американски претседател да го каже тоа денеска. Како забелешките на слободоумна стара баба, зборовите на основачите ги посрамуваат генерациите на нивните помалку уверливи наследници. Тие нѐ потсетуваат од каде доаѓаме. Тие нѐ потсетуваат дека луѓето кои ги кршат правилата се изворот на американската моќ и богатство.

Тие што се на позиција да ги наметнат правилата природно сакаат тие да се почитуваат. Но бидете внимателни што посакувате. Можеби и ќе го добиете.

(http://www.paulgraham.com/gba.html)