Упатство:Инсталација на Mandriva Linux

Од Сподели wiki
Прејди на: содржини, барај

Инсталирањето на GNU/Linux се врши во неколку последователни чекори во коишто се задаваат сите потребни податоци. За да се започне со инсталирање, во BIOS се поставува опцијата за да системот се подигнува од CD-ROM. Во компјутерот се става првиот компакт диск за инсталација и се рестартира компјутерот. Со тоа контролата врз компјутерот ја презема инсталациониот компакт диск.

Почеток на инсталирање

Доколку се е направено како што треба, се појавува првиот прозорец и со притискање на копчето „Enter“, се започнува со инсталирањето.

Избор на јазик

Во вториот чекор се избира јазикот на којшто ќе се работи. GNU/Linux е преведен на многу јазици, а делумно е преведен и на македонски јазик. За да одберете македонски јазик, треба да се одберете „Europe/Македонски“. Во опцијата којашто се повикува со одбирање на копчето „Advanced“, се избира начинот на кодирање на тастатурата. Современите оперативни системи работат со „UTF-8“. Оваа опција е одбрана однапред и затоа не треба да се менува.

Прифаќање на лиценцата

Во овој прозор се прикажува лиценцата под којашто е издадена дистрибуцијата. Во случај кога корисникот ги прифаќа условите дефинирани во лиценцата, инсталирањето продолжува, а доколку корисникот не ги прифати условите на лиценцата, инсталирањето завршува.

Избор на глувче

Постојат многу видови глувци (со две или три копчиња, без или со тркалце и др.). Со компјутерот можат да бидат поврзани преку неколку конектори (сериски, PS/2, УСБ). Во овој чекор се избира драјвер за глувчето. Доколку не се направи правилен избор за глувчето, тој најверојатно нема да работи правилно. Затоа е важно точно да се дефинира какво глувче е поврзано со компјутерот.

Избор на комбинација на копчиња за менување на режимот на пишување

Во GNU/Linux може да се пишува со кирилица, а притоа квалитетот на буквите, бројките и знаците да биде еднаков со квалитетот на латиничното писмо. Ова е овозможено со помош на стандардите „Unicode“ или „ISO 10646“ и „ISO 8859-5“ коишто овозможуваат т. н. повеќејазична поддршка. Во овој чекор се избира комбинација на копчиња со којашто ќе се менува режимот на пишување од кирилица на латиница и обратно. Најчесто се избира комбинацијата „Alt + Shift“.

Избор на ниво на заштита

GNU/Linux овозможува неколку нивоа на заштита на пристапот до директориумите и датотеките. Колку што се зголемува нивото на заштита, толку се намалува пристапот и до некои корисни можности на системот. Од друга страна пак, со намалување на нивото на заштита се овозможува полесен неовластен пристап до податоците. Во овој чекор се избира нивото на заштита, а препорачливо е да се избере стандардно ниво. Доколу некој се обиде неовластено да пристапи до директориуми или датотеки, GNU/Linux може да испрати електронска порака со известување за тоа. Корисничкото име или адресата на е-пошта на администраторот за безбедност може да се зададе во полето за внесување „Security Administrator“ (login or email).

Дефинирање партиции

Меморискиот простор од тврдите дискови се дели на логички целини наречени Партиции. Еден тврд диск може да се подели на повеќе партиции. Доколку во компјутерот се инсталирани повеќе од еден тврд диск, една партиција може да зазема мемориски простор од повеќе тврди дискови. Во овој чекор се дефинираат партициите коишто ќе ги користи GNU/Linux. Може да се избере една од понудените опции, и тоа:

  • „Use existing partitions“ – се користат партиции коишто претходно биле креирани;
  • „Erase entire disk“ – се брише целиот диск;
  • „Use the free space on the Windows partition“ – се користи празен простор од партиции дефинирани за Виндоус и
  • „Custom disk partitioning“ – се дефинираат партиции по избор.

Најдобро е да се избере последната опција затоа што на тој начин се повикува прозорец во којшто партициите се дефинираат најпрегледно и најпрецизно. За нормална работа на GNU/Linux, потребни се најмалку три партиции. Првата партиција е наречена основна, или „root“ партиција. Се означува со коса црта (slash) „/“. На неа се запишува кернелот заедно со сите апликации кои што доаѓаат со GNU/Linux. Втората партиција (swap) служи за привремено запишување на податоците за коишто нема место во работната меморија (RAM). Оваа партиција треба да зазема мемориски простор барем за еден и половина пат повеќе од работната меморија (RAM-от). На третата партиција се запишуваат директориумите и датотеките коишто ги креираат корисниците. Оваа партиција се означува со „/home“. Подоцна, кога ќе се креираат корисниците на системот, во оваа партиција за секој корисник ќе се креира директориум со неговото име. Во тој директориум ќе се меморираат сите директориуми и датотеки коишто ќе ги креира тој корисник. На пример, директориумот „/home/dean“ ќе биде основниот директориум на корисникот „dean“.

При инсталирање на современа дистибуција на GNU/Linux, дефинирањето на партициите може да се изврши и автоматски. За да се направи автоматско дефинирање на партициите, прво треба да се кликне врз слободниот простор од графичкиот приказ лоциран во горниот дел од прозорецот и потоа да се кликне врз „Auto allocate“.

За нормална работа на системот, партициите треба да бидат форматирани. Со кликнување врз копчето „Done“ се врши форматирање на зададените партиции и се оди на следниот чекор од инсталацијата.

Избор на програми (пакети)

Современите дистрибуции на GNU/Linux содржат по неколку илјади програми. Тие се спакувани во пакети. Во една дистрибуција има пакети за најразлични намени, а најпопуларните и најкористени програми се наоѓаат скоро во сите дистрибуции. Програмите се групирани според намената, а најчесто за иста намена во една дистрибуција има повеќе програми. Дистрибуциите најчесто предвидуваат една или само неколку програми со иста намена, а другите програми можат да се изберат индивидуално. Откако ќе се дефинираат и форматираат партициите, инсталирањето продолжува со избор на програми коишто ќе бидат инсталирани. Прво се избира кои групи програми ќе се инсталираат. Програмите се поделени во два дела, едни само за инсталација на работна станица и други за инсталација на сервер.

Од корисничките најчесто се среќаваат „Office“ – за канцелариско работење, „Games“ – игри, „Multimedia“ – мултимедија, „Network“ – за работа во мрежа, „Configuration“ – за поставувањата итн, а од серверските „Web/FTP“ – за веб и пренос на датотеки, „Mail“ – за електронска пошта, „Database“ – за бази на податоци, „Firewall/Route“ – за заштита, рутирање итн.

Со секоја дистрибуција доаѓаат и повеќе работни околиони. Најчесто користени се КДЕ и Гном, a во примерите во текстов се користи КДЕ.

Со обележување на „Individual package selection“ се повикува прозорецот за индивидуално избирање програми од секоја група. Во овој прозорец секој пакет може да се избере индивидуално.

По завршувањето на инсталирањето, во секојдневата работа, програмите можат да се инсталираат или деинсталираат.

Копирање пакети и менување компакт дискови

Откако ќе се дефинира изборот на програми кои што ќе се инсталираат, започнува копирањето на пакетите. Заради обемноста на дистрибуциите на GNU/Linux, тие најчесто се наоѓаат на неколку CD-иња. Затоа, во текот на копирањето, инсталационата програма го информира корисникот дека треба да го замени компакт дискот. Компакт дисковите се означени со бројки, но во зависност од избраните пакети, некогаш редоследот на нивното ставање во компјутерот не е запазен. Важно е само да се следат инструкциите од инсталационата програма.

Лозинка на администраторот

GNU/Linux е т. н. повеќекориснички, или мултикориснички оперативен систем. Тоа значи дека, на еден компјутер истовремено можат да работат повеќе корисници. При инсталацијата, автоматски се креира еден корисник кој што е наречен администратор или супер корисник (root). Со пријавувањето како администратор се овозможуваат сите активности со системот и затоа се користи само при инсталирање на програми или драјвери, при конфигурирање на системот и сл. Сите останати корисници имаат ограничени привилегии со цел да се оневозможи случајно оштетување на системот, заразување со вируси и сл. Корисничкото име на администраторот секогаш е root, а во овој чекор се задава неговата лозинка.

Дефинирање корисници

Дури и во случај кога компјутерот го користи само едно лице, се креираат дваjца корисници, еден администраторски и еден обичен за редовна работа. На овој начин се избегнуваат евентуалните оштетувања на системот, предизвикани од невнимание или незнаење. Во овој чекор се дефинираат корисниците за редовна работа. Подоцна, во секојдневата работа, администраторот може да дефинира нови корисници, или да ги брише постоечките. За да се дефинира корисник треба да се внесе, неговото вистинско име, корисничко име и лозинка. При внесување на лозинката, наместо карактерите коишто се внесуваат, на екранот се прикажува знакот ѕвездичка „*“. За да не дојде до погрешно внесување на лозинката, таа треба да се внесе уште еднаш. Со клинување врз иконата прикажана во овој прозорец, таа се менува. На тој начин за секој корисник може да се дефинира различна икона. Внесувањето на корисникот се потврдува со кликнување врз екранското копче „Accept user“.

Подигнување со еден корисник

Кога се дефинирани повеќе корисници, при стартување GNU/Linux се појавува прозорец од каде што се избира кој корисник ќе работи со компјутерот. Во случај кога е дефиниран само еден корисник, прозорецот нема да се појави или пак ќе се појави само еден корисник во него. Затоа, при инсталирањето, може да се дефинира, подигнвуањето на GNU/Linux да биде директно со единствениот корисник којшто е дефиниран. Исто така може директно да се избере и која работна околина да биде стандардна, на пример КДЕ. Тоа се постигнува со обележување на опцијата за директно подигнување и со избирање на КДЕ од менито за избор на работна околина.

Локација на подигнувачот

За подигнување на GNU/Linux, задолжен е т. н. подигнувач. Постојат неколку вакви подигнувачи коишто се среќаваат во текстуална и во графичка форма. Најпознати се „LILO“ и „GRUB“, а најчесто се користи графички „LILO“ (linux loader). GNU/Linux може да се инсталира на компјутер на кој што веќе е инсталиран некој друг оперативен систем, на пример „MS Windows“. Во таков случај подигнувачот ја презема контролата за подигнување на компјутерот и овозможува избирање на оперативен систем со којшто ќе се работи. Во овој чекор од инсталирањето се дефинира каде ќе биде запишан подигнувачот. Најдобро е да се запише во т. н. главен запис за подигнување MBR (master boot record).

Последни поставувања

Пред крајот на инсталирањето, GNU/Linux овозможува корегирање на претходно избраните вредности. Во прозорецот од овој чекор се појавува листа со категории кои што можат да се конфигурираат. На тој начин може да се провери дали поставувањата се правилно извршени. Покрај секоја категорија, во десниот дел има копче „Configure“. Со кликнување врз него се повикува прозорец во кој што може да се изврши корегирање на поставувањата за соодветната категорија.

Можност за ажурирање

Развојот на слободниот софтвер е многу брз. Во една година, за секоја GNU/Linux дистрибуција се усовршуваат и по неколку верзии. Новите верзии на програмите се поставуваат на интернет и се овозможува слободно ажурирање или надградување.

Доколку во компјутерот е вграден модем, или постои некој друг начин на пристапување кон интернет, на пример преку мрежа, во прозорецот од овој чекор може да се направи ажурирање на системот. Тоа се прави со избирање на радио копчето „Yes“. Во секојдневата работа со компјутерот, администраторот има можност за ажурирање на системот.

Рестартирање

Во прозорецот на последниот чекор од инсталирањето се прикажува текст со информација дека инсталирањето е успешно завршено. Во овој чекор од компјутерот треба да се извади инсталациониот медиум (CD, или DVD) и со помош на копчето „Reboot“, да се изврши рестартирање на компјутерот.

Прво подигнување

При првото стартување, GNU/Linux повикува т. н. волшебник. Со негова помош се конфигурира работната површина на корисникот, а доколку компјутерот има можност за поврзување на интернет, може да се постави и начинот на пристап, работата со електронска пошта и сл. Овие поставувања можат да се вршат и подоцна, при секојдневата работа и затоа најчесто со помош на копчето „Skip Wizard“ користењето на овој волшебник се прескокнува.

По завршување на инсталацијата

Откако ќе заврши процесот на инсталирање, оперативниот систем и програмите можат слободно да се користат, проучуваат, усовршуваат и т. н., затоа што GNU/Linux е слободен софтвер. Една од можностите кои што ги нуди слободниот софтвер е негово преведување. GNU/Linux како и некои позначајни програми, на пример „OpenOffice.org“, делумно се преведени и на македонски јазик. Избор на јазик се прави уште во вториот чекор на инсталирање. Подоцна, при последното конфигурација од инсталацијата, изборот на јазикот може да се измени. Преку овој начин на избор, јазикот се избира за сите корисници кои што ќе се креираат. По завршување на инсталацијата, избор на јазик може да се направи за секој корисник посебно. Ова се постигнува со помош на програмата „LocaleDrake“. Оваа програма може да се повика преку главното мени, или со помош на конзолната наредба „localedrake“. „LocaleDrake“ последователно повикува два прозорци, еден за избор на на јазик и еден за избор на земја или регион. Доколку треба да се изврши измена на јазикот за сите корисници, тогаш наредбата „localedrake“ треба да се изврши како администратор или супер корисник (super user – su).