Важни настани за слободниот софтвер во Република Македонија
Овој документ содржи датуми на поважните настани кои се повразни со Слободен софтвер Македонија, заедницата на корисници на слободен софтвер во Република Македонија и слични/поврзани активности. Ако знаете нешто плус или забележите дека некаде има грешка, додајте ги тие информации.
2002 година
07 јули 2002 година
Првиот состанок во Градскиот парк во Скопје. Присуствуваа повеќе луѓе, меѓу кои Иван Стојмиров, Арангел Ангов, Новица Наков, Златко Трајчески, Благоја Ѓаковски, Дарко Стојчев, Дамјан Георгиевски и Георги Станојевски.
09 јули 2002 година
Два дена подоцна, на тогашниот сервер на http://www.linux.net.mk почна да работи првата поштенска листа. Листата го носеше името [LUG] и беше достапна на http://lists.linux.net.mk/mailman/listinfo/lug.
07 септември 2002 година
На конференцијата ExpoCom, David Sugar од Free Software Foundation го одржа првиот јавен говор за слободен софтвер во Р. Македонија.
16 септември 2002 година
Во порака до листата [LUG] Арангел Ангов испраќа алфа верзија на статутот на организацијата за која тој предлага таа да го носи името „Слободен софтвер Македонија“.
21 септември 2002 година
Своето искуство за движењето за слободен софтвер во Р. Македонија David Sugar го раскажува за Linux Journal: http://www.linuxjournal.com/article/6336.
28 октомври 2002 година
Се одржа основачкото собрание на Слободен софтвер Македонија. Собранието се одржа во тогашниот „Пингвин Паб“ карши автобуската станица „Рекорд“ во Скопје. Присутни беа 15 основачи. Беше изгласан првиот статут на организацијата и првото раководство. За претседател беше избран Иван Стојмиров. Во управниот одбор членуваа уште и: Александар Ников, Арангел Ангов, Васко Митанов, Дамјан Георгиевски, Дарко Стојчев и Игор Петрески.
12 ноември 2002 година
Златко Трајчески ја направи конечната верзија на логото на „Слободен софтвер Македонија“ по идеја на Новица Наков. Логото е гулаб кој во средина има единици и нули наредени во круг. Гулабот ја означува слободата, единиците и нулите го означува софтверот, а кругот го означува сонцето, така - Слободен софтвер Македонија.
28 ноември 2002 година
Во регистарот на здруженија на граѓани и фондации под Рег.Бр. 1436 се запишува здружението на граѓани Слободен софтвер Македонија.
Здружението на граѓани стекнува својство на правно лице и може да започне со работа.
14-15 декември 2002 година
Се одржа првиот преведувачки маратон во организација на Слободен софтвер Македонија. Крајниот резултат беше целосно локализиран OpenOffice.org верзија 1.0 со што компјутерските корисници во Р. Македонија за прв пат добија канцелариски пакет на македонски јазик кој може да се користи на било кој оперативен систем. Повеќе информации има на: http://www.slobodensoftver.org.mk/maraton2002/.
2003 година
5 април 2003
Лансирана е нова веб страница на Слободен софтвер Македонија. Софтверот за страницата во PHP го напиша Георги Станојевски.
17-18 април 2003 година
На саемот Инфоком Слободен софтвер Македонија бесплатно дистрибуираше 500 дискови со OpenOffice.org преведен на македонски јазик и памфлети за слободен софтвер. Ристе Пејов одржа две презетнации за локализираниот слободен канцелариски пакет.
18 април 2003 година
Се емитуваше првата емисија за слободен софтвер на Македонското радио. За жал серијалот што требаше да се емитува секој петок траеше само неколку недели.
28 април 2003 година
Веројатно за прв пат на телевизиските канали, во емисијата Хоризонт на А1 телевизија, имаше дел посветен на слободниот софтвер.
2004 година
15 март 2004 година
Се формираше првата група на корисници на GNU/Linux од Македонија, конкретно од Битола - Лугола. Објавата е тука: http://hedona.on.net.mk/pipermail/ossm-members/2004-March/000906.html.
23 септември 2004 година
Прославен е првиот ден на слободен софтвер на Битола, иако точниот датум е на 21 септември, поради координација со останатите прославата се случи тогаш. Овој настан беше една од помасовните промоции на Лугола и прв настан организиран од групата.
2005 година
16-19 септември 2005
Се одржа третиот преведувачки маратон. Целта беше преведување на OpenOffice.org верзија 2.0. Маратонот го организираа Слободен софтвер Македонија и фондацијата Метаморфозис. Крајниот резултат беше целосно локализиран графички интерфејс на OpenOffice.org верзија 2.0, како и дел од помошта. Во текот на наредните неколку месеци беше направен темелен преглед и лектура, така што се доби навистина квалитетен превод. Повеќе информации има на: http://www.slobodensoftver.org.mk/maraton2005/.
2006 година
7 април 2006 година
Започнува со работа Вики за слободен софтвер, место кое треба да биде главен извор на знаење за корисниците на слободен софтвер од Македонија.
28-30 април 2006 година
Се одржа маратон за локализација на работната околина KDE во Битола, организиран од Лугола. На маратонот беа локализирани околу 21.000 низи.