Слободен софтвер
Зошто Вие треба да се грижите за слободата? Замислете дека некоја голема компанија која произведува неслободен софтвер кој наголемо се користи, утре исчезне. Или замислете дека тројно ќе ја зголеми цената на нивниот производ. Ако сте врзани за нивниот производ нема да можете да сторите ништо. Тоа е нивна одлука. Вие (или вашиот бизнис) се потпира на таа компанија, на нејзиниот софтвер и нема да бидете во можност да ги направите работите да функционираат без неа (која е користа од компјутер без оперативен систем?). Нели тоа е доволно сериозен проблем? Зависите од една единствена компанија и целосно и се доверувате да тие го контролираат работењето на вашиот компјутер. Ако таа компанија одлучи да ви наплати 1000 долари за следната верзија на нивниот софтвер, повторно нема да можете ништо да сторите околу тоа (освен да се мигрирате на слободен софтвер). Ако нивниот софтвер има пропусти и грешки кои ви сметаат и ако компанијата не е заинтересирана да ги поправи (тука се мисли и на можности кои не се оквалификувани како грешки и пропусти, едноставно работи кои ги нема, а кои ви требаат), пак нема да можете да сторите ништо. Пријавувањето и решавањето на грешки во заедницата на слободен софтвер е лесен процес.
Со слободниот софтвер и софтверот со отворен код, ако одреден проект или компанија за поддршка згасне, целиот изворен код останува на заедницата и корисниците и програмерите ќе може да го развиваат понатаму. Ако овој проект е особено корисен за вас, можете тоа да го правите и Вие самите. Ако некој пропуст ви смета, можете да го пријавите, да зборувате со развивачите на проектот, или уште подобро да го поправите самите ако знаете како или да најмите некого да го стори тоа и да ги испратите измените повторно кон главниот тим програмери на проектот со што и другите корисници ќе може да добијат подобрувања исто така. Имате право да правите практично што сакате со слободниот софтвер, се додека тоа е во корист на заедницата и во склоп со лиценцниот модел за одреден проект.
Што е слободен софтвер?
Многумина се запрашале што е слободен софтвер и веднаш го поистоветиле слободниот софтвер со бесплатен софтвер. Слободниот софтвер не е бесплатен софтвер. Ако некој го окарактеризира својот софтвер како слободен и го стави под слободна лиценца Општа јавна лиценца тогаш тој е приморан да го даде најважниот дел од своето дело, кодот, слободно. Тука доаѓа забуна. Секој може да развива софтвер со кој ќе биде слободен. Но покрај тоа тој може да ги нуди и следниве неколку работи:
- помошна обемна документација за конфигурирање испечатена во фино дизајнирана брошура или книга;
- лепенки за ЦД и пакување кое на софтверот ќе му ја крене цената;
- администрација и одржување на проектот ако некој го побара тоа од вас;
За да ги задоволите сите овие работи и корисниците да добијат тоа што им е потребно и што вие очекувате, можете да наплатите за услугата. Цените за ваквите услуги во светот се движат од доброволни прилози па суми кои се изедначуваат со проектите за развој на неслободен софтвер. Тоа не значи дека тоа веќе не е слободен софтвер иако за него се наплаќа.
Слободниот софтвер нема голема поврзаност со плаќањето за него. Во англискиот јазик Free може да се однесува и на слободно и на бесплатно. Така Richard Stallman ја направи најпознатата паралела, Free како во freedom или free speech спроти Free како во free beer. Тоа е слобода како во слобода на говор спроти бесплатност како бесплатно пиво. Слободниот софтвер се однесува на првата споредба.
Пред да ги дадеме дефинициите на слободниот софтвер/софтверот со отворен код, прво мало објаснување за компјутерскиот софтвер. Програмерите на софтвер креираат компјутерски програми со пишување текст наречен 'изворен код' во специјализиран јазик. Овој изворен код најчесто механички се преведува во формат кој компјутерот може да го изврши. Се додека програмата не треба да се смени (да речеме да поддржува нови потреби или да се користи на понов компјутер), на корисниците не им е потребен изворниот код. Сепак, за да може да се смени она што програмата го прави, потребно е поседување на изворниот код и дозвола да се промени изворниот код. Со други зборови, оној кој легално го контролира изворниот код, контролира што програмата може или не може да прави.
Корисниците кои го немаат изворниот код, не можат да ја променат програмата за таа да ги задоволува нивните (нови) потреби, ниту да исправат евентуални грешки - багови во програмата. Исто така не можат истата да ја пренесат на друг вид на компјутер.
Дефинирање на слободниот софтвер
Слободен софтвер
Дефиницијата на слободниот софтвер е објавена од Фондацијата слободен Софтвер на Richard Stallman. Еве го главниот текст од таа дефиниција:
"Слободниот софтвер" е прашање на слобода, не на цена. За да го разберете концептот треба да мислите на 'слободен говор' не на 'бесплатно пиво'. Слободниот софтвер е прашање на слободата на корисниците да го користат, копираат, дистрибуираат, изменуваат и подобруваат софтверот. Поточно се однеува на четири типа слободи за корисниците на софтверот:
- Нулта слобода: Слободата да го користиш софтверот за било која намена.
- Првостепена слобода: Слободата да го проучуваш работењето на програмата и истата да ја променуваш според потребите. Пристап до кодот е предуслов за ова.
- Второстепена слобода: Слободата да редистрибуираш копии за да му помогнеш на соседот.
- Третостепена слобода: Слободата да го подобруваш програмот, и да издаваш подобрувања во јавноста, со што целата заедница ке извлече корист. Пристап до кодот е предуслов за ова.
Некоја програма е слободен софтвер ако корисниците ги имаат сите овие слободи. Така ќе бидеш слободен да редистрибуираш копии, со или без модификации, или гратис или по некоја цена, секому и секаде. Да бидеш слободен да ги правиш овие работи, значи (меѓу другите работи) дека не мора да прашуваш или плаќаш за дозвола. Исто така треба да имаш слобода да правиш модификации и да ги користиш приватно во твојата работа или игра, без да споменеш дека истите постојат. Ако ги објавиш твоите промени, не треба да известиш никого на никаков начин. Слободата да ја користиш програмата значи слобода за секоја личност или организација да ја користат истата на било каков компјутер, за секој вид на работа, и без да има потреба да се комуницира со програмерот или било кој друг одреден ентитет.
Тектстот кој го дефинира "слободниот софтвер" всушност е многу подолг и понатаму го објаснува пристапот. Наведува дека 'Слободниот софтвер не значи не-комерцијален. Слободната програма мора да биде достапна за комерцијална употреба, комерцијален развој и комерцијална дистрибуција. Комерцијалниот развој на слободниот софтвер повеќе не е необичен; таквиот слободен комерцијален софтвер е многу важен.'
Софтвер со отворен код
Софтверот со отворен код официјално е дефиниран од организацијата Иницијатива за Отворен Код (Open Source Initiative / OSI). Дефиницијата ја дава во вид на десет критериуми који го дополнуваат основниот предуслув на пристап кон изворниот код. Тие критериуми се:
- Слободна редистрибуција
Лиценцата нема да ограничува никого од продавање или бесплатно делење на софтверот како компонента на агрегатна софтверска дистрибуција која содржи програми од различни извори. Лиценцата нема да бара надоместок или било какво друго плаќање за таквата продажба.
- Изворен код
Програмата мора да содржи изворен код, и мора да дозволува дистрибуција во изворен код, исто како и во бинарна форма. Каде што некој проект не е дистрибуиран со изворен код, мора да постојат познати начини за добивање на кодот за не повеќе од разумна цена за репродукција, по можност со превземање од интернет без наплата. Изворниот код мора да биде преферираната форма во која програмерот ќе ја изменува програмата. Намерно криење на изворниот код не е дозволено. Форми на полупроизводи како што се излезите од препроцесори или преведувачи не се дозволени.
- Дериватни работи
Лиценцата мора да дозволува модификации и дериватни работи, и мора да дозволува тие да бидат дистрибуирани под истите услови кои ги дозволува лиценцата на оригиналниот софтвер.
- Интегритет на изворниот код на авторот
Лиценцата може да ограничи дистрибуирање на изворен код во модифицирана форма само ако лиценцата дозволува дистрибуција на 'пач датотеки' со изворен код за модифицирање на програмата во време на компајлирање. Лиценцата мора експлицитно да дозволи дистрибуција на софтвер изграден од модифициран изворен код. Лиценцата може да бара дериватните работи да имаат различно име или број на верзија од оригиналниот софтвер.
- Без дискриминација кон луѓе и групи
Лиценцата не смее да дикриминира луѓе или групи на луѓе.
- Без дискриминација кон полиња на активност
Лиценцата не смее да спречи никого од користење на софтверот во одредено поле на активност. На примр, не смее да ја ограничи програмата од користење во бизнис, или во генетско истражување.
- Дистрибуција на лиценцата
Правата закачени за програмата мора да важат за сите на кои програмата им е дистрибуирана, без потреба да се додава друга лиценца од нивна страна.
- Лиценцата не смее да биде специфична за продукт
Правата закачени на програмата не смеат да зависта од тоа што програмата е дел од одредена софтверска дистрибуција. Ако програмата е биде оддрелена од таа дистрибуција, и ако се користи и дистрибуира во рамките на условите на нејзината лиценца, сите страни до кои програмата е редистрибуирана треба да ги имаат истите права како оние кои се дадени во оригиналната софтверска дистрибуција.
- Лиценцата не смее да ограничува друг софтвер
Лиценцата не смее да дава ограничувања на друг софтвер кој се дистрибуира заедно со лиценцицираниот софтвер. На пример, лиценцата не смее да инсистира сите други програми кои се дистибуираат на истиот медиум да бидат софтвер со отворен код.
- Провизија за лиценцата не може да биде предвидена за било која индивидуална технологија или изглед на интерфејс.
Овие две дефиниции во практика значат иста работа. Всушност оние кои го воспоставија терминот 'отворен код' го опишуваат својот пристап како маркетинг пристап кон слободниот софтвер.
На дијаметрално спротивна страна од овие две се наоѓа неслободниот/затворениот софтвер (анг. proprietary). Водечки пример од оваа област е софтверот кој што го произведува софтверскиот гигант Microsoft.
Заклучок
Со слободниот софтвер може да се заштеди и средствата за нивна имплементација да се искористат за други намени. Конкретно, многу земји од светот го присвоиле моделот на слободен софтвер во нивната администрација. Многу фирми кои котираат високо по берзите го направија тоа исто така. Приклучете се на заедницата со што во краен случај ќе им помогнете на другите кои го сакаат слободниот софтвер.
Врски
Сопствена страна на Richard Stallman