Упатство:Инсталација, конфигурирање и работа со Tomcat

Од Сподели wiki
Прејди на: содржини, барај

Доколку сакате да развивате Веб апликации користејќи ги многуте Java технологии кои ви се достапни потребен ви е сервис кој ќе го обработи кодот и претстави на клиентска страна, односно во прелистувачот на клиентот. За таа цел постои Tomcat, кој пак не е типичен веб сервер, туку повеќе серверски контејнер или апликациски сервер и со негова помош може да се извршуваат Java сервлети, JavaServer Pages (JSP) код со што се овозможува програмерот да пишува Java код за развивање на веб апликации. Се разбира, Tomcat можете да го користите и за други фрејмворзи, проширувања и технологии кои се дел од Java.

За Tomcat да „се движи“ се грижи платформата за придвижување, или енџинот Catalina, кој е дел од Tomcat. Впрочем, терминот контејнер кога се споменува Tomcat се однесува на Catalina, кој е типичен контејнер за сервлети. Во ова упатство ќе презентираме како се инсталира Tomcat во Ubuntu и ќе дадеме општа слика за тоа што треба да направите под останатите дистрибуции. Исто така ќе презентираме конфигурирање и работење со Tomcat преку практично создавање на сервлет кој ќе се изврши на серверска страна и резултатот прикаже кај клиентот.

Tomcat и речиси сите други Java апликации се буквално повеќеплатформски и често пати, доколку програмерот тоа го осмислил добро, доволно е да се направи една jar архива (java archive), во која ќе се наоѓа се што му е потребно на апликацијата, па само да ја отпакувате на саканата платформа, *nix или Windows. Така е случај и со Tomcat, Java SDK-то и Java JRE. Доволно е да ги симнете од сајтовите кои се наведени подолу и потоа да ги отпакувате на саканата локација во фајлсистемот.

Потребно

  1. Ubuntu или друга GNU/Linux дистрибуција;
  2. Java SDK (Software Development Kit) & JRE (ќе биде опишано како се инсталираат)
  3. Интернет
  4. текстуален уредувач (GEdit, Kate, Emacs, Vim, Nano и сл.)
  5. добра волја за читање документација

Инсталирање на софтверските компоненти

Во Ubuntu и другите Debian базирани дистрибуции речиси секогаш е овозможено складиштето кое го содржи Tomcat пакетот и неговите зависности. За да го користите Tomcat, како што е погоре најавено, потребно е да инсталирате Java SDK (делот од јазикот со кој можете да развивате Java софтвер) и Java JRE (Java runtime Environment, за извршување на Java апликации). Во Ubuntu може да се инсталираат многу лесно преку користење на apt-get. На крајот на упатството можете да ги проследите врските од каде што ќе можете да ги симнете самостојните архиви на софтверот што сега ќе го инсталираме со пакет менаџерот.

Инсталирање на Java SDK

# sudo apt-get install sun-java6-jre
# sudo apt-get install sun-java6-jdk

Со ова се инсталира Java Runtime Environment и JDK. ЗАБЕЛЕШКА: Двата пакети вкупно се повеќе од 120 MB.

Откако ќе бидат инсталирани можете да проверите дали се е во ред преку извршување на:

# java --version
# javac

Доколку и двете команди не јават грешки (т.е. се извршат „напразно“) тогаш сѐ е во ред.

Инсталирање на Tomcat

# sudo apt-get install tomcat5.5 tomcat5.5-admin tomcat5.5-webapps

По инсталирањето треба да имате скрипта за пуштање на серверот /etc/init.d/tomcat. Пробајте да го пуштите серверот:

# sudo /etc/init.d/tomcat start

Не се вознемирувајте ако серверот јави грешка или не го мапира потребниот порт. Конфигурирањето следува.

Конфигурирање

Откако ќе заврши инсталирањето на наведените пакети спремни сме да ја конфигурираме средината за развивање. Потребно е да се постават некои глобални променливи и да се направат измени во некои датотеки.

Глобални променливи

Прво што ќе направиме е да ги поставиме глобалните променливи. Во нашиот случај ќе користиме GEdit за примерите за уредување, Вие можете да го користите било кој уредувач.

# gedit ~/.bashrc

Откако ќе се отвори датотеката, на крајот додадете:

export JAVA_HOME=/usr/lib/jvm/java-6-sun
export CATALINA_HOME=/usr/share/tomcat5.5
export CLASSPATH=/usr/share/tomcat5.5/common/lib/servlet-api.jar
export PATH=$PATH:$JAVA_HOME/bin:$CLASSPATH:$CATALINA_HOME

За измените да бидат ефективни треба да го рестартирате Tomcat.

# sudo /etc/init.d/tomcat restart

Серверски поставувања

Tomcat се инсталира во /usr/share/tomcat5.5. Во тој директориум има поддиректориум conf во кој се наоѓа XML датотеката server.xml. Отворете ја за уредување:

# sudo gedit /usr/share/tomcat5.5/conf/server.xml

Најдете го следниов запис:

 <Connector port="8080" ...
	maxThreads="150" minSpareThreads="25" ...

Тоа е портата која Tomcat ќе ја отвора при секое пуштање. Преку таа порта корисникот ќе може да пристапи на веб серверот (пр. http://www.server.org:8080). Се разбира, тоа може да се избегне на неколку начини за кои овде нема да зборуваме, па затоа ќе ја користиме стандардната порта. Вие можете да изберете било која слободна порта. Зачувајте ги промените и исклучете го уредувачот.

Потоа отворете ја датотеката /usr/local/tomcat/conf/context.xml:

# sudo gedit usr/local/tomcat/conf/context.xml

и најдете ја оваа директива:

 <Context>

Сменете ја во:

 <Context reloadable="true">

Зачувајте ги промените и исклучете го уредувачот.

InvokerServlet

Директивата InvokerServlet загарантира пристап до некои серверски компоненти. Нејзиното овозможување е по Ваш избор, не е задолжително.

Отворете ја за уредување датотеката /usr/local/tomcat/conf/web.xml:

# sudo gedit /usr/local/tomcat/conf/web.xml

И откоменитрајте ги следниве директиви:

 <servlet>
        <servlet-name>invoker</servlet-name>
        <servlet-class>
          org.apache.catalina.servlets.InvokerServlet
        </servlet-class>
        ...
    </servlet>
    <servlet-mapping>
        <servlet-name>invoker</servlet-name>
        <url-pattern>/servlet/*</url-pattern>
    </servlet-mapping>
Откоментирање во XML значи отстранување на
<!--
од почетокот на коментарот и
-->
од крајот на коментарот.

Зачувајте ги промените и исклучете го уредувачот.

Спремни сме за пуштање на Tomcat.

# sudo /etc/init.d/tomcat start

Со оваа автоматска скрипта впрочем ќе се изврши датотеката /usr/share/tomcat5.5/bin/startup.sh (можете да ја извршите неа директно).