Хакер
Терминот хакер од различни извори се толкува на различни начини. Објаснувањето на овој термин најчесто доведува до забуна кај корисниците со терминот кракер. За разлика од нив, хакерите се лица кои се борат за слободна информација, кои ја сметаат технологијата за предизвик и кои сметаат дека нема ништо што би можело да застане помеѓу нивната желба за знаење и осознавање и она што сакаат да го добијат. Најчесто хакерите бараат предизвик за решавање на проблеми кои ги нуди технолошкиот развој, особено Интернет. Иако терминот хакер може да се поврзе со било кој аспект од животот, најчесто тој се поврзува со компјутерски професионалци кои знаат како да направат работите да функционираат.
Постои заедница, култура на споделување која е создадена од експерти од областа на програмирањето и мрежите која својата историја ја носи од минатите декади кога постоеле првите миникомпјутери и експерименталните програми на ARPAnet (основата на Интернет). Терминот хакер потекнува баш од таа заедница. Тие (хакерите) ја градат најкомплексната мрежа на сите времиња, Интернет. Хакерите ги направија Unix и GNU/Linux оперативните системи. Хакерите овозможуваат нормално функционирање на World Wide Web. Ако сте дел од оваа заедница, ако сте придонесувале кон неа и ако другите членови на таа заедница Ве знаат и Ве идентификуваат со терминот „хакер“, тогаш Вие сте хакер.
Аспекти на терминот хакер
Хакерот, како што и е погоре споменато, не мора да значи дека се занимава само со технологија и софтвер. Тој може да биде музичар или електроничар. Хакерот може да се идентификува во секоја наука или уметност. Софтверските хакери ги препознаваат овие хакерски шеми и во другите аспекти на животот, и таквите лица каде што овие карактеристики се видливи, може исто така да се наречат хакери (иако не се компјутерски специјалисти). Некои сметаат дека хакерската култура е одвоена од терминот хакер. Сметаа дека хакерите ја градат хакерската култура, но хакерот како таков не е зависен од хакерската култура.
Друг, злобен аспект на терминот хакер на кој често луѓето и медиумите се повикуваат е терминот „кракер“. Во ниту еден случај не смееме да ги мешаме овие два термини. Хакерите прават работи од кои нешто произлегува, тие не се криминалци и крадци. Кракерите се уништувачи. Сакаат да уништат се на кое што ќе налетаат, да ги експлоатираат дупките во системите и да придонесат за нивно искористување, за злобни намери. Тие се тие кои крадат од кредитните картички на луѓето ширум светот. Иако често се нарекуваат хакери, тие не се тоа ни најмалку. Хакерите прават работи од љубов, кои кракерите не би ги сториле ни за пари. Вистинските хакери не сакаат никаква врска со кракерите.
Секој може да биде хакер?
Ако сакате да бидете хакер, треба посветено да пристапите кон осознавање на она кое е лесно пристапно за Вас. Ако сте заинтересиран во уметноста, осознајте ја нејзината срж, ако сте заинтересиран во технологијата, осознајте ја сржта на изворните кодови и програмските јазици со кои се градени заедничките слободни системи како GNU/Linux и слободните варијанти на Unix. Научете да програмирате и администрирате такви системи и создавајте работи. Бидете креативни и користете ја креативноста за создавање на работи кои ќе бидат лесно достапни за другите и од кои другите ќе имаат некаква корист.
Хакерски ставови
Често кај хакерите може да се забележат ставови кои ни покажуваат дека оваа заедница сака да придонесе знаењето во светот да биде слободно и преку тоа да помогне на општеството кое може да добие толку многу од знаењето на масите.
Меѓу најзабележливите карактеристики и ставови кај хакерите се:
Светот е полн со фасцинантни проблеми кои чекаат решение
Хакерите решаваат проблеми и создаваат работи, и веруваат во слободата и волонтерската беспричинска помош кон заедницата. За да бидете прифатен како хакер, треба да ја прифатите таа особина и самиот Вие, но само ако навистина верувате во таа особина.
Но ако сметате дека станувањето на хакер значи однос кој ќе Ви даде некакво значење во хакерската заеница, ја промашувате целата поента. Станување на личност која верува во слободата и креативноста е од голема важност за Вас, па и да не сакате да станете хакер. Како што е случај и во уметноста, најдобриот начин да се постане учител е да се имитираат учителите, не само интелектуално но и емотивно.
Ниту еден проблем не треба да се решава двапати
Креативните умови се вреден и ограничен ресурс. Не треба да се потрошат со повторно измислување на тркалото кога веќе постојат нови проблеми кои чекаат решение.
За да се однесуват како хакер, треба да верувате дека времето на другите хакери, поминато на размислување е скапоцено, до тој степен што дури и морална одговорност е да се споделува информација, да се добиваат решенија и да се објавуваат јавно како што и другите хакери прават, а со цел другите на Мрежата да можат да решаваат исти проблеми наместо да трошат време на веќе решени проблеми.
Секако, не сите решенија кои постојат се „свети“ или дека постои едно единствено и исклучиво точно решение за даден проблем.
Не сте приморани да го давате својот креативен труд на останатите на Мрежата, иако тие хакери кои го прават тоа се најценетите во заедницата на хакери. Разбирливо е да се продава доза знаење за преживување со што би си овозможиле плаќање на сметки и храна. Разбирливо е и да се користат хакерските способности за издржување на фамилиите или дури и збогатување, се додека не ја заборавате Вашата лојалност кон Вашата уметност и Вашите другари хакери од кои сте учеле претходно.
Досадата и амалската работа се зло
Хакерите и креативните луѓе никогаш не треба да се досадуваат или да работат како амали некоја повторувачка работа, затоа што кога тоа ќе се случи, значи дека тие не можат да прават тоа што треба да го прават - да решаваат нови проблеми. Тоа е болно за целата заедница. Така, досадата и бесцелното работење не се само непријатни, но и злобни.
Слободата е добра
Хакерите по природа се анти-авторитативни. Секој кој може да Ви нареди да престанете со решавање на проблемите од кои сте фасцинирани па, според тоа како авторитетите функционираат, ќе најде некоја глупава причина да го направи тоа. Така, мораме да застанеме против авторитетниот став во било која ситуација.
Ова не е исто што и борба против било кој авторитет. На децата треба да им се каже како треба, а криминалците треба да одговараат пред законот. Хакерот може да прифати некој авторитет со цел да добие нешто што му е потребно.
Авторитетните лица се трудат да цензурираат одредени работи. Ја омаловажуваат волонтерската работа и соработка помеѓу група луѓе кои споделуваат информации. Сакаат соработување само под нивна контрола. Па така, за да се однесувате како хакер, мора да развиете инстиктивно непријателство против цензурата и забраните, како и против употребата на сила против други хакери.
Ако сакате да живеете подобро, едноставно направете нешто што ќе го направи Вашиот живот подобар.
Ако имате став не значи дека сте способни
Да се биде хакер, ќе треба да развиете некои од овие ставови. Но држењето до нив нема да Ве направи хакери. Станувањето хакер бара интелигенција, пракса, посветеност и напорна работа.
Така, ќе морате да научите да разликувате различни видови стојалишта и гледишта на други луѓе од различни видови. Хакерите не дозволуваат на позерите да им го трошат нивното време. Тие обожуваат чувство за натпревар, особено натпреварување во хакирање, иако било каков натпревар е од голема важност.
Бидете креативни и создавајте, ако имате цел да бидете хакер, заборавете на рамките што некој друг Ви ги наметнува, или барем ако не сакате да го сторите тоа, немојте да им сметате на другите ако сакаат да се чувствуваат слободни!